Гаврани, галеби и темни ангели

/, Литература, Блесок бр. 136/Гаврани, галеби и темни ангели

Гаврани, галеби и темни ангели

И навистина, почетните делови се доминантно посветени на легендарните Далматински „галеби“, добропознати локални ликови од југословенските летувалишта во 70-те и 80-те год. на минатиот век, нивното созревање, нивните први сексуални искуства, но највеќе нивните вешти походи по што повеќе трофеи, нивниот лов по што повеќе женски срца и тела на туѓинките кои летуваат на Раб. Притоа, како ја усовршуваат вештината на заведувањето, така поинтересни стануваат натпреварите меѓу момчињата, а помалку важна станува убавината на девојката што се освојува за сметка на тоа дали околу неа се труди и некој друг, бидејќи најпровокативно е да се украде туѓа девојка. Извонреден за илустрација е примерот на една девојкаод Нови Сад која доаѓа на островот со своето момче, а Гавран упорно ја опсипува со комплименти и цвеќиња. „Драгана одеднаш го знаеше мирисот на секој цвет, додека нејзините пријатели и типот го исмеваа Гавран Но, нешто во неговото лице и држење не можеше да се исмева; беше како Белмондо кој глуми несмасен заводник, Ален Делон кој тешко испаѓа смешен, Хамфри Богарт во своите нежни мигови, бодеж обложен со жолти пердуви слични на канаринец. Таму каде што тие видоа провинцијалец кој имитира каубој, таа виде храбро момче кое не се грижи за околината…“ (Фериќ, 2020: 92)

Во жижата на вниманието се машко-женските релации, сите редум насликани уверливо, реалистично, фатени во секојдневната потрага по смислата на животот или барем во илузијата дека за миг ја дофатиле, притоа без затскривање на немилосрдноста и безобѕирноста на некои од тие мигови и постапки, како на пр. постојаното враќање на Гавран кон локалната девојка од септември до мај, додека летото е период за слобода и нови освојувања. Па дури и Лена „…на љубовта почна да гледа како на нешто сезонско. Берба на грозје, на пример, или сезона за лов на лигни. Нејзината сезона настапуваше надвор од сезоната.“ (Фериќ, 2020: 77). А во летната сезона, повторно се на сцена страсни сексуални игри без цензура. Експлицитните описи на телесните задоволства иако неретко тривијални, сепак воопшто не се вулгарни без причина. Напротив Фериќ ги користи да прикаже екстремно широк опсег на емоции, од восхит и занес, преку гротеска и хумор, сѐ до длабока тага и меланхолија. Често личните судбини незабележливо се прелеваат кон колективните и се испреплетуваат со општествено-политичките односи и културните парадигми, па романот ненаметливо зборува и за теми како религијата, туризмот или војните на овие простори. „Она што, меѓутоа, највеќе освојува во овој роман на Фериќ е неговиот длабински, делузиониран, а сепак нималку банален циничен увид во мрачната бездна на човечките страсти, каде оние сексуалните, без разлика колку се придвижувач на нешатата, всушност само дел од многу поширок комплекс на желби за самопотврдување и за (секогаш недостижното) трајно цврсто втемелување во сопственото постоење (…) Клерикалците во Хрватска уште од порано го обвинуваа Фериќ за „порнографија“ затоа што тие понекогаш не можат да разберат дека тоа што тој го прави е многу „полошо“, односно посубверзивно (…) Фериќ уште подлабоко ѕирка во срцето на темнината кое така често се наоѓа во срцето на некоја нормална личност, примерен татко, сопруг, мајка, ќерка, нашиот сосед и нас самите. Па, тоа е она што е непростливо.“ (Pančić 2016)

Во мајсторски напишаните и композициски одлично вклопените описи, често напнати и преполни необични и интригантни случки, Фериќ нѐ шалтува од вечерните промоции на книги до салоните за масажа и уште по некое задоволство, од возот меѓу Краков и Вроцлав до звуците во Африка, од саботарите до атеизмот, од воздишките на мајката на Дагмар до логорашите во кампот на Италијанците, од нудизмот кој на островот го донела Волис Симпсон до знамињата и националистичките песни, од подиумите за танцување до Corpus Christi, од застареното кон современото, од чувството на срам до „слободата која по малку е и смрт“ (Фериќ, 2020: 8) и сѐ така до повторното враќање на Раб и носталгичната средба пред погрешниот ковчег на погребот на Гавран. Па вели „Светот е стапица. Милијарда пати поголема од нас.“ (Фериќ, 2020: 329) и на тој начин всушност го доловува животот во сиот негов интензитет, и оној кога младоста непромислено се предаваме на нагоните и подоцна кога сфаќаме дека животот е вечна борба, што резултира во екстремни емотивни клацкалки при читањето, па се смееме, па плачеме, понекогаш дури и двете во исто време. „Во приказните, во кои секогаш фино се испреплетуваат еросот и танатосот, во љубовнички прегратки се спојуваат момче и постара госпоѓа, братучеди, мајка со момчето на својата ќерка, проститутка и муштерија, но над сите секогаш лебди тој Фериќев темен ангел, оној од офсајд, кој ги потсетува на мртвите синови и мажи, на инвалидите, животите минати во мага, па дури и некој пад на авион.“ (Pogačnik, 2015)

АвторАна Мартиноска
2021-04-03T19:09:02+00:00 март 31st, 2021|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 136|