ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

/, Литература, Блесок бр. 125/ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

Драмскиот монолог е напишан во херојски куплет, римуван двостих популарен во неокласичната поезија за раскажување на херојски дела, дури користен и од А. Поуп за превод на „Илијадата“, што му сигнализира на читателот дека претпоставената почетна точка на која се базира и од каде што тргнува ликот на Војводата е таа на херојски лик. Сепак, самиот неокласицизам ја има користено таа форма за да го иронизира и пародизира епскиот и херојскиот жанр преку развојот на „the mock heroic“ (лажниот херојски еп) во делата на Драјден и Поуп, со што читателот е подготвен на поткопувањето и проблематизирањето на херојскиот статус и изневера на очекувањата и вредностите што тој ги носи. Понатаму, формата на драмскиот монолог која директно е поврзана и потекнува од солилоквијот во кој ликот контемплира и ја открива вистинската слика на својата душевна состојба и карактерен профил, го подготвува читателот и го предупредува да биде внимателен и аналитички да ги чита текстот и говорот за да дојде до вистинската дијагноза на состојбата на главниот лик и наратор. На тој начин, Браунинг преку изборот на жанрот, формите, структурата и метриката на „Мојата последна Војвотка“ го подготвува просторот и ја поставува сцената на која ќе се одигра приказната низ која ќе го води читателот, со веќе претходно утврдени параметри кои произлегуваат од триаголникот помеѓу авторот, книжевноста (традицијата) и читателот.

Судирот на нарацијата и говорот на Војводата се гледа во рамките на неговиот јазик и надворешната и внатрешната структура на неговиот исказ, како прв сигнал дека се работи за песна што се занимава со теми кои се значајни во современиот текст и самиот јазик, кој иако до одреден степен стилизиран и на моменти архаизиран, сепак е англискиот јазик на 19 век. Со тоа, Браунинг сигнализира дека не сака преку песната да врши реставрирање и илустрирање на еден далечен историски период за современиот читател, туку сака да го искористи како заднина за прикажување и размисла на неколку универзални теми, но од гледна точка на вредносниот хоризонт на англиското општество во првата половина од 19 век. Тој е јазик што му прилега на викторијански џентлмен, аристократ и патријарх, но и јазик што е лесно разбирлив и приемчив за викторијанскиот читател, што го прави погоден медиум за воведување и расправа на одредени современи теми, при што современиот читател потсвесно и полесно ќе ги разбере и прими пораките што се кријат зад навидум цврстиот и авторитативен говор на Војводата.

Тие односи во патријархалното општество Браунинг вешто ги пресликува уште со првите зборови на Војводата во драмскиот монолог, каде што го претставува портретот на својата почината жена, чие единствено присуство во меморијата и перцепцијата на општеството е преку врамената слика која ја нарачал нејзиниот сопруг и кој единствено ја контролира и решава кој може да ја види или не. Сликата по самата своја природа е нема и нема свој глас, иако раскажува приказна, но бара некој надворешен авторитет да ја прочита, толкува и соопшти. Тоа во овој случај е Војводата од Ферара кој не само што го поседува лично тој авторитет, туку и самото општество му го доделува и санкционира неговиот авторитет. Браунинг тоа го прикажува не само преку структурата на самиот драмски монолог, туку и го отсликува преку неговиот говор и синтаксата и фразите што ги користи. Преку тоа суптилно, уште на почетокот, ја релативизира доминантната позиција на Војводата како во општеството, така и во драмскиот монолог.

Со воведувањето на соговорникот, емисарот, Браунинг ја отвора и структурата на песната и започнува да ги користи целосно потенцијалите на драмскиот монолог и ги актуализира неговата повеќегласност и полиакцентност. Притоа, во рамките на неговиот опис на портретот на неговата последна Војвотка, тој го воведува и гласот на Фра Пандолф, сликарот преку пренесување на неговите комплименти кон Војвотката.

„можеби
Фра Пандолфо бегло спомнал, ’Одората долга
ја крие вашата прекрасна рака’ или ’Една слика
никогаш не може сосема, колку и да сака
страста да ја фати која скриено тлее на вашиот врат.“

АвторМилан Дамјаноски
ПреводМилан Дамјаноски
2019-06-14T20:21:52+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |