ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

/, Литература, Блесок бр. 125/ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

ДРАМСКАТА ПЕРСОНА

Една од најважните карактеристики на драмскиот монолог е улогата што ја игра драмската персона, која е централниот лик во монолозите бидејќи преку нејзините зборови дознаваме за сите настани во песната. Таа е единствениот прозорец низ кој ги гледаме и доживуваме темите, содржината, но и другите ликови во песната. Драмската персона е главниот и единствен наратор во песната. Според класификацијата на Женет, таа е хомодиегетски наратор кој дури и го потиснува во заднина и самиот автор, затоа што навидум не остава простор за никаква друга авторска интервенција или нарација во самата рамка на текстот. Второ, драмската персона со тоа што е главен наратор претендира на улогата и авторитетот на сезнаечкиот наратор или, пак, на цврстиот и доминантен авторитет на авторот, но никогаш не успева да ги исполни тие очекувања на книжевната форма, ниту пак очекувањата на читателот кој при самото читање на текстот ја става својата доверба во неа. Токму таа изневера или неуспех, тој јаз помеѓу објективноста на авторот и фиктивната објективност на драмската персона отвора простор за сомнеж кај читателот, што е првиот предуслов за повнимателна анализа и оцена. Таа пукнатина воедно создава простор за сомнеж во објективноста, вистинитоста и авторитетот на текстот, но и на идеологијата и општествената реалност која ја претставува и чие отелотворување и материјализација се стреми да биде. Читателот е принуден во својата интерпретативна постапка да погледне подобро во самата идеолошка структура, со што му се дава можност и да ги согледа скриените, потиснатите значења, но и негирањата и елиминациите на одредени непогодни вредности и реалности, постапка што идеологијата секогаш ја врши.

ОДЛИКИТЕ НА ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ КАЈ Р. БРАУНИНГ

Браунинг во своите драмски монолози ја следи линијата на користење на ликот која се надоврзува на концептот на Китс за негативната способност (negative capability), која подразбира целосна објективност и губење на идентитетот на авторот на сметка на полнотијата на гласот на ликот и нарацијата на настаните. Во англиската книжевност таа традиција се протега сè до Чосер и Шекспир, кого и Китс го издвојува како идеален автор чиј глас никогаш не можеме да го слушнеме. Делото на авторската рака во драмските монолoзи се гледа на нивото на организација и поставувањето на гласовите во структурата и нарацијата на делото, во што Браунинг се истакнува со своето мајсторство. Тука би се надоврзале на Бахтин дека раката на авторот не е водена само од неговата идеја, креативност и писателска вештина, туку од ограничувањата и правилата на жанрот во кој работи, како и од општествените услови и ситуација во кои твори. Ние тука и ги гледаме главната причина и мотивација, но и ограничувања и пречки во пробивањето на новите гласови во рамките на книжевните дела, особено оние базирани на традиционалните форми, жанрови и теми.

Во правилата и ограничувањата на поезијата, особено во фактот што Браунинг користи веќе зрело формирани и строги лирски и драмски форми, ја гледаме тешкотијата некогаш да се излезе и да се осознаат вистинското значење и интенција на авторот. Но, од друга страна, мајсторството на Браунинг во версификацијата и метриката, неговата богата ерудиција и лексика, како и неговата инвентивност и чувство за експериментирање доведуваат до воспоставување рамнотежа, а во позначајните дела како „Мојата последна Војвотка“ и „Фра Липо Липи“ тој постигнува и суверено надминување на тие ограничувања. На ова треба да се додаде дека Браунинг намерно не сакал да го упрости својот творечки израз и да му олесни на читателот, бидејќи верувал дека песната е еден вид предизвик и процес низ кој треба да помине читателот за самиот да дојде до значењето. Може да се каже дека на тој начин читателот сам го засилува новиот глас на своето време и овозможува тој подобро да се чуе, да се материјализира и да се вклопи во новиот идентитет на општеството.

МОЈАТА ПОСЛЕДНА ВОЈВОТКА

Во „Мојата последна Војвотка“ имаме извонреден пример на доминантен наратор и глас чија желба да ја контролира нарацијата е интегрирана во природата на ликот, Војводата од Ферара, кој самиот со себе го носи авторитетот на аристократијата, на неговото потекло и неговата висока општествена позиција. Тој е навикнат да биде институцијата што ја одредува, контролира и дефинира реалноста на сите свои поданици. Во исто време, тој е патријархална фигура, главата на семејството и главата на војводството, отелотворување на патријархалниот систем на вредности, што е едно од главните обележја на британското општество во викторијанскиот период.

АвторМилан Дамјаноски
ПреводМилан Дамјаноски
2019-06-14T20:21:52+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |