Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

/, Литература, Блесок бр. 123/Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Од големиот број прочитани научни студии во врска со делата на Горан Стефановски можевме да заклучиме дека македонската драматургија (како и севкупната македонска литература), во годините на зрелиот социјализам, патела од непрецизна литературна интерпретација, пред сè поради немањето теориски дефиниции за периодизација и интерпретација на обемниот драмски опус кој бил создаван. Тука секако ги вбројуваме и драмските творби на Горан Стефановски. Иако неговото дебитантско дело „Јане Задрогаз“ претставува еден од најексплицитните примери на постмодернистички текст, македонската книжевна критика нема начин да го интерпретира дебитантското дело на Стефановски на соодветен начин, а критичките анализи за овој текст настанати во осумдесеттите не се достојни на големината на неговиот гениј.

За поголем дел од драмите на Стефановски воопшто и нема литературна критика. Македонските литературни критичари генерално ја ставаат во втор план драмата како жанр, давајќи им многу повеќе простор на поезијата и прозата. Критиките кои имавме можност да ги најдеме расфрлани низ периодичните списанија, дневните весници или во научните дискусии се однесуваат на само една драма. За жал, не постои текст во кој е направена компаративна анализа за два, три, или повеќе драмски текста од Горан Стефановски. Целосниот драмски опус на Стефановски не е периодизиран, а неколкуте обиди за периодизација се недоволно прецизни.

Ваквото фрагментарно интерпретирање на драмите на Стефановски ни оддалеку не ја дава сликата за големината и важноста на творештвото на Стефановски во севкупната македонска повоена книжевност, ниту пак говори за влијанието што овој драматург го извршил во својата триесет и пет годишна работа врз режисерските, актерските и драматуршките генерации кои растеле со неговото дело. Тоа се должи првенствено на фактот дека македонската наука за литература нема монографски труд за овој автор, кој е многу популарен, преведуван и наградуван и вон границите на нашата држава.

АвторАлександра Димитрова
ПреводМилан Дамјаноски
2019-01-15T10:19:41+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 123|Tags: |