Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

/, Литература, Блесок бр. 123/Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Од цитираниот коментар, јасно е зошто ја потенциравме недоследноста во периодизација на драмите на Горан Стефановски од страна на Јелена Лужина. Таа иако во 1996 год. јасно ги дели драмите на Стефановски на модернистички и постмодернистички, во 2000 год. ги сместува скоро сите во групата модернистички, а во 2004 год. за „Јане Задрогаз“, тврди дека овој текст не е стопроцентно авторско дело на Стефановски.

Пет години подоцна, надоврзувајќи се токму на докторската дисертација на Јелена Лужина, проф. д-р Катица Ќулавкова во рамките на својата книга „Мала книжевна теорија“, објавена 2001 год. го поместува есејот „Постмодернистичката артикулација на драмскиот интертекст во драмата Јане Задрогаз од Горан Стефановски“, претходно објавен во 1997 год. во рамките на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ одржан во Прилеп. Катица Ќу-лавкова во овој свој исклучително издржан труд не само што прави синтетизирана дефиниција на постмодерната, туку покажува како и зошто „Јане Задрогаз“ е меѓник на две македонски мегакултури, модернистичката и постмодернистичката. Во првиот дел од овој научен труд дава дефиниции за постмодерната, во вториот покажува дека „Јане Задрогаз“ со своите литерарни вредности ја дели македонската драмска литература на две поголеми јадра –модернистичко и постмодернистичко. Таа во овој труд се повикува на модалноста на Јелена Лужина, во која Лужина тврди дека во македонската драматургија во средината на седумдесеттите се јавува т.н. режисерски театар во кој режисерот го добива доминантното место во креација на театарското уметничко дело, а драматургот е во постојана корелација со режисерот. Оттаму Ќулавкова тврди дека драмските текстови кои во тоа време се јавуваат се некој вид иницијален и незавршен синопсис, дека се надминуваат литерарните рамки, а текстот се отвора кон амфитеатарот, кон гледалиштето.

Цитат:„..македонскиот драмски текст на седумдесеттите се допишува, трпи корекции, варијации и обработки во континуитетот, во процесот на неговата театрализација, режисерско толкување и сценска адаптација“ (2001:199).

Зошто Ќулавкова тврди дека „Јане Задрогаз“ е меѓата? Затоа што во овој текст ги наоѓа сите елементи на постмодерната, затоа што тој е: „…пастиш кој во себе вградува, цитира, парафразира или иронизира текстови кои се веќе напишани, искажани, раскажани, испеани или драматизирани.“ (2001:201).
Во овој контекст само ја споменуваме оваа одлична научна¬ студија, за да потенцираме дека по појавата на докторската дисертација на Јелена Лужина се отвора простор за дискусија во македонската книжевна наука, а Ќулавкова е една од првите научници која ги користи теориските сознанија на Лужина за да даде издржана критика на конкретен драмски текст од Горан Стефановски.

По неа, Весна Мојсовска-Чепишевска во 2000 год. во списанието „Културен живот“ го објавува есејот „За Ликот-Кој-Го-Нема во Чернодрински се враќа дома“ и во него ги пронаоѓа интертекстуалните елементи во драмскиот текст „Чернодрински се враќа дома“ на повеќе нивоа. Поаѓајќи од констатацијата на Богомил Ѓузел дека Војдан Чернодрински во драмата е Ликот-Кој-Го-Нема, Чепишевска ги подвлекува интертекстуалните елементи на ниво на текст, на ниво на биографски факти и на ниво на значење во рамките на македонската книжевност.

Еден од поинтересните текстови објавен во врска со Горан Стефановски е оној потпишан од Наум Пановски со наслов „Сараево на Горан Стефановски или Сара во Ужасија“. Иако е исклучително субјективен и априори насочен кон глорификација на Стефановски, сепак овој есеј дава точна перцепција на драмскиот текст „Сараево“. Во него Пановски потенцира дека текстот е фантазмагорична фреска за исчезнувањето на скапоцената сребрена душа на Сараево. Според него, во „Сараево“ се дава приказна низ умирачките очи на Сара, а таа сонувајќи за иднината на Сараево ја перципира болната сегашност, го открива инспиративното минато и во својата кошмарна халуцинација им доделува улоги на несреќниците околу себе. Овој есеј, и покрај тоа што првенствено се однесува на театарската, сценската можност за поставување на текстот, сепак донесува многу интересни заклучоци. Пановски пред сè го детектира најспецифичниот елемент за умешноста на Стефановски – да создава кратки сцени, да гради фрагментирана драмска структура, која дава филмски ритам низ прецизни и директни дијалози.

АвторАлександра Димитрова
ПреводМилан Дамјаноски
2019-01-15T10:19:41+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 123|Tags: |