Двајца во Еден

Двајца во Еден

Прва слика
Втора слика

Пиеса за Двајца, Месечина и Кукли (1995)

(Клупа, под улична сијалица во парк. Ноќ, на небото свети сребрениот месечев срп. Сијалицата е угасната. Под неа, свртена со грбот кон публиката, седи Нела. Шмрка, очигледно плаче. Пред неа поминува Тото, еден необичен тип кој бара нешто наоколу. Подзастанува и ја погледнува. Потоа излегува од сцената. Пак се враќа, појавувајќи се зад клупата, поблизу кон публиката)

ТОТО: Јуле!
(Нела престанува со плачот. Дискретно ја врти главата)
ТОТО: Јуле, каде си. Ја-јави се, Јулијана!
(Нела погледнува за прв пат погледнува кон него)
ТОТО: Се из-извинувам, да не видовте тука некаде да помина една та-така малечка, шар-шар-мантна …
(Нела се врти напред и прснува во плач)
ТОТО: (Изненаден) Ама, чекајте в-ви се молам. Јас не сакав да ве рас-рас… Са-сакав само да ве прашам дали сте ја виделе мојата Јуле. Ја-ја барам веќе саат-два. Знае она така да-да ја дувне и да ми се скрие. Ев-еве пред час време, седев дома, гледав кош-кошарка на телевизорот и пиев сок од боровинки,а сега еве… Знаете мо-морам да пијам сок од боровинки, лекарот вика дека сум страшно слабокрвен. Не-не ми вика мене – на ма-мама. А не-нема врска! Не сум ич слабокрвен. (Пауза) И така… Јуле ми… ми ја спрашти. На пиење. Со-со… сок.
НЕЛА: (Бришејќи ги очите, тивко) Ги знам таквите. Себични гадови.
ТОТО: Н-не, се извинувам. Јуле не е себична. М-мераклика е. На шетање. Сло-сло…
НЕЛА: (Безволно) Слободна.
ТОТО: Сло-бодољубива!
НЕЛА: Од слободољубивите страдаат останатите.
ТОТО: Н-не верувам.
НЕЛА: Како не. Не ли страдате сега вие?
ТОТО: К-кој, јас?! Боже пази. Ба-баш ми е пријатно. Си шетам в-вака. По парков. Фино-лепо…
НЕЛА: … и гледате во секоја грмушка, се вртите на секое шуштење, се загледувате во секоја сенка …
ТОТО: (Заинтересирано) Е-еј, како знаете?
НЕЛА: (Се расплачува)
ТОТО: Н-не, немојте, еве јас веднаш си одам …
(Тото почнува да се повлекува)
НЕЛА: (Мрмори нешто во плачот)
ТОТО: (Се подвраќа) Мо-молам?
НЕЛА: (Низ плач, поразбирливо) Немојте да си одите!
ТОТО: Ама, како сега! Јас тука, вие плачете, Јуле ја нема. Што ќе речат луѓето?
НЕЛА: (Низ плач) Нема веќе луѓе!
ТОТО: Е-е, како нема! Ц’цка. Полно е парови во парков. А оние што доаѓаат сами, тие се па-пазачи.
(Нела зачудено го погледнува)
ТОТО: (Се сепнува) Н-не. Јас не сум сам. Ја-јас ја барам Јуле. (Се врти, вика) Ју-Јууле! Јулија-а-ана! Јави се бе, срце, м-молим те!
(Сè останува така. Нела загледана во него, а тој загледан во празно)
ТОТО: Ќе си одам.
НЕЛА: (Се врти на клупата кон него, очигледно сака да го задржи) А, таа… многу ли е млада?
ТОТО: Е-е-птен.
НЕЛА: И како изгледа?
ТОТО: Црна.

НЕЛА: Мислам дека пак ќе заплачам.
ТОТО: Јас си одам.
НЕЛА: Немојте ве молам. Овде е многу страшно.
ТОТО: Па-па што не си одите и вие?
НЕЛА: (Плачно шмркнува) И јас барам некого.
ТОТО: Кого?
НЕЛА: (Низ нов навев на плачност) Исто како вас!
ТОТО: И-и и вие ја ба-барате Јулка?
НЕЛА: Не. Една црна личност. Исто како вас.
ТОТО: Мол…? Ка-аква личност. Јас не барам личност.
НЕЛА: Како не? Што барате тогаш?
ТОТО: Па пуд-лицата на мама.
НЕЛА: Господине, вие сте безобразен.
ТОТО: З-зошто, ма!
НЕЛА: И не сум ви јас никаква “ма”, разбравте! Ме доведувате во заблуда, ме терате да Ве сожалувам, потоа да ви се исповедувам и сето тоа во момент на слабост. А воопшто не ве ни познавам.
ТОТО: (Ѝ ја подава раката) Тото! Мислам… Т-ото за пријатели. Инаку, официјално Те-еодор, драго ми е.
НЕЛА: (По подолга пауза во која ја смирува страста, му ја прифаќа раката, тивко) Антонела, исто така.
ТОТО: Е-ете. Нема веќе проблеми.
НЕЛА: Не дека нема…
ТОТО: … Ми-мислам со запознавањето. Јас не знам зошто луѓето мораат да се за-познаваат. Јас многу сакам да седам и ра-разговарам со непознати. А, вие Анто-нела?
(Седнува на клупата, а таа станува)
НЕЛА: Може и Нела, Теодоре.
ТОТО: Е-еј немој Теодор! Подобро е То-тото. Тото за блиски. И ма-мама ме вика То-тото.
НЕЛА: Јас сум за вас блиска? Па ние едвај и се познаваме.
ТОТО: Ш-што сега? Па-ак да се запознаваме?
НЕЛА: (За прв пат се насмевнува) Не. Не мислев тоа. Мислев: ете прв пат ве гледам, а вие така слободно се однесувате. Не мислам да ве навредам.
ТОТО: Не-ема врска. Јас сум си таков. Ма-ајка ми вика, брзо сум склопувал познанства. Ш-што знам.
НЕЛА: Имате ли многу пријатели, Тото?
ТОТО: Ехе-хеј! По-понекогаш не можам да се о-отарасам од нив.
НЕЛА: Блазе си ви!
ТОТО: А, ш-што, вие немате!
НЕЛА: Не.
ТОТО: Никого?
НЕЛА: Не.
ТОТО: Ш-што не? Имате или немате?
НЕЛА: (Прснува да плаче) Не знаам!…
ТОТО: Еј, Нела не-не плачете, жити мајка. Пла-ачење не можам ич да поднесам. То-олку го мразам тоа цимолење што во февруари ги бркам и мачките од па-парење. (Ја погледнува) Ка-како тоа не знаеш?
НЕЛА: До вчера го имав само него…
ТОТО: Цр-црниот пу-пу…
НЕЛА: (Нервозно потврдува со главата)
ТОТО: … пудл?!
НЕЛА: Каков пудл, бе!
ТОТО: Па, ја-јас Јулка – пудлица. А ти – машки род од тоа – пудл!
НЕЛА: (Низ бран од плач) Вереник, Тото! Мене не ме напушти никаков пес. Ме остави вереникот!
ТОТО: (Студено) То-тоа ти е исто. Ку-уче!
НЕЛА: Не е Тото. Жими сè. Многу беше добар!
ТОТО: Е, како не. Ко-оклку јас што сум бил ге-енерален директор на парков! Не-нема врска! При-искаски за деца.

НЕЛА: Ама, тој ме сакаше.
ТОТО: Те-те и-скористил!
НЕЛА: Не.
ТОТО: Те употребил и те от-отфрлил!
НЕЛА: Не.
ТОТО: Те излажал. Те злоупотребил. Ка-кај ти е инаку ве-ве… Дечкото, а?
НЕЛА: Ти си ѓубре!
ТОТО: А-ајде-де!
НЕЛА: Гад си, ете тоа си!
ТОТО: (Мирно, познавачки) Ти-ти си овен!
НЕЛА: А, ти си слон!
ТОТО: Па-пардон. Тоа го нема во хороскоп!
НЕЛА: А, тоа! (Исповедно) Не… Јас сум риба.
ТОТО: (Убедено) Нема шанси, срце. О-овен!
НЕЛА: Од кај знаеш?
ТОТО: (Одважно) Јас сум ас-астролог и хиромант!
НЕЛА: Вистина, Тото?
ТОТО: Е-е не, те лажам! Ги по-ознавам тајните науки. Гле-едам во ѕвездите и на рака.
НЕЛА: А како ми го погоди хороскопскиот знак?
ТОТО: (Нерадо) Па, гле-едам и при-приврзоци! (покажува на синџирчето околу нејзиниот врат)
НЕЛА: (Разочарано) Е, многу си знаел! Тајни науки, лук и вода.
ТОТО: А, па-пардон! (Значајно) Сè е запишано во ѕве-вездите!
НЕЛА: (Иронично) … а најмногу на приврзоците, нели господине?! (… а потоа со променет тон…) Он… Беше риба! На сребрен приврзок.
ТОТО: Он е би-бик!…
НЕЛА: (Искрено изненадена, признава) Да. Од кај знаеш?!
ТОТО: (Сè уште запален) Ми-ислам: вол, говедо, мислам он е сто-ока!
НЕЛА: Немој така Тото. Јас го сакам.
ТОТО: Како не. Само стока мо-жела да ти го стори тоа. Ти си страшна женска, Не-нела.
НЕЛА: Мислиш?
ТОТО: Еп-ептен.
НЕЛА: Беше многу нежен со мене, Тото.
ТОТО: Ех, ја не знам!..
НЕЛА: Од кај знаеш?
ТОТО: Па би-бик со овен! Ептен се слага.
НЕЛА: Мислиш: зашто и двата знака имаат рогови?
ТОТО: Не, бе Нела. По хо-хороскоп.
НЕЛА: А, тоа… (молчи и пак плачно) Он ми наби рогови. Со мојата најдобра другарка. Други ми кажуваа за тоа, а јас не сакав да им верувам. Сè додека не ги фатив на дело. Сношти. На оваа иста клупа. Им направив скандал. Не знам што сè не ѝ изнареков нејзе!..
ТОТО: А, не-ему?
НЕЛА: (Презирно) Него? Него не го ни погледнав! Сакав да го заболи!
ТОТО: А него, баш го бо-оли, нели! И после, те на-апушти само така?
НЕЛА: Не! Никако… Пред тоа ми удри шлаканица.
ТОТО: Ауу!
НЕЛА: (Нежно) Сè уште ја сеќавам неговата рака на образов.
ТОТО: А, ш-што: то-олку силно те шлапна?
НЕЛА: (Крикнува во плач) Не, бе! Толку многу го сакам!
ТОТО: А-а, тоа?! Џабе ти е, Нела. Он-он тебе не те заслужува!
НЕЛА: Знам, ама јас без него не можам. Заедно работевме. Тој ми беше шеф.
ТОТО: Е-еј, ти-ти си се-екретарка?
НЕЛА: Кукларка.
ТОТО: Ш-што?!
НЕЛА: Правам кукли. За театар. Тој е режисер во куклен театар. Знаеш ли колку кукли сум му направила!
ТОТО: (Воодушевено) Ти си ку-укла, Нела!

НЕЛА: (Избувнува) Слушај ти, мене не ми требаат ни твоите комплименти, ни твоите додворувања, разбра?
ТОТО: Ми-мислев, он си поиграл со тебе како со о-обична кукла, Нела. И немој веднаш да се лутиш.
НЕЛА: Поиграл, тоа… Да. А, знаеш ли Тото, колку убаво сме соработувале?…
ТОТО: Ех!
НЕЛА: … Тој ме одлепуваше од земја. Додека бев со него живеев како во некоја приказна. Во сите бајки што ги игравме во театарот. Тото, јас во секоја кукла сум внесувала сè од себе. Чесен збор.
ТОТО: Се-се гледа.
НЕЛА: Си мислев, направи му ја што можеш поубава. Го заслужува он тоа. Остави во куклата дел од себе. Тој ќе ѝ даде живот. Куклата или ти, сеедно. Тој ве оживува двете.
ТОТО: Доста, Нела. Не-е можам веќе да те слушам. Тој тебе те уништил, а ти уште и го фалиш. Ти си прав овен, Нела.
НЕЛА: А ти си стварно слон, Тото. Што сакаш од мене? (Сомничаво го погледнува) Слушај, да не мислиш дека сум некоја евтина женска што шета навечер по парковите и лови машки со плачливи приказни,?!
(Станува и сака да си замине)

(Месечината ја менува светлината. Светлото се намалува и сè се потопува во чуден, синкав сјај. Се слуша шумолкање на лисјата од засилен ветер)

ТОТО: (Ненадејно, со чуден тон) Ти-ти си принцеза, Не-нела!
(Таа застанува в место. Ја крева главата кон небото. Се врти кон него. Двајцата молчат.)
НЕЛА: Колку чудно сè изгледа. Облак ја покри месечината.
ТОТО: (Се збунува) Из-извини. Ми-и се испушти.
НЕЛА: Ти си добар човек Тото. Прости ми.
ТОТО: (Порасположено) Е-еј, немам што да ти простувам. Нела, тебе ти требаат луѓе. Не смееш сега да бидеш са-сама. Тре-треба да разговараш, да се смееш, да се растеретуваш, Нели.
НЕЛА: (Со празен поглед) Немам веќе кому, Тото. Сакаш ли да ти признаам зошто дојдов тука?
ТОТО: За-за да го најдеш не-него и да …
НЕЛА: (Студено го прекинува) Дојдов да се самоубијам, Тото. Сакам да се обесам. Еве погледни (вади од ташната јаже) Дури го одбрав и дрвото. Ене она дрво таму, под другата сијалица. За да ме најдат побргу. Не сакам премногу да висам. (Пауза, а потоа…) Те лажев, Тото. Не ме остави завчера. Тој замина пред половина година. Тука, на ова место. Ме остави запрепастена на клупава. И не дека имаше друга. Сето тоа го измислив. (Плаче) Зашто сум била ста-ара! Зашто сакал деца, а јас не сум можела да ги имам. Од кај знае он, копиле едно расипано! Од кај знае!

ТОТО: Не-ла! Ш-што зборуваш, Не-ла!
НЕЛА: (Се потсетува. Ја фаќа бран од бес) До сега требаше да висам. Ти ме спречи! Еден случаен и изгубен тип. Еден здодевен муабетчија што бара жртви по парков …
ТОТО: (Збунет) И-извини, не-не сакав!
НЕЛА: … Ајде, бегај! Оди си сега. Скрши малку муабет, ти помина времето, што сакаш уште? Ете, сега сè дозна. Наместо кошарка на телевизија, виде една акната женска во паркот. Оди, ајде оди си кај мама, оди да нанаш! Можеби и кучката ти се вратила дома. Прибери се дома, пиј сок од боровинки и живејте среќно, вечно и здодевно како во приказните!…
ТОТО: З-зошто ме навредуваш Нели? Те навредив ли јас те-те-тебе со нешто? А, колку у-баво разговаравме.
(Нела збунета, вон себе, ѕури во него)
ТОТО: Д-ај ми ја раката, Нели!
(Таа механички му ја подава. Тото ѝ го зема јажето и го става в џеб)

(Месечината одново ја менува бојата. Сцената ја осветлува круг од нестварна сребрена светлина.)

ТОТО: (Ѝ ја отвора дланката и се загледува во неа; со изменет тон) Не, ти нема да се обесиш. Ни вечерва, ни било кога. Имаш долга линија на животот. Ти ќе доживееш длабока старост и ќе имаш исполнет живот.
НЕЛА: Јас вечерва ќе се убијам.
ТОТО: Не ти е така пишано. Ти го гледам целиот живот. Јасно. Појасно одошто можеш да си помислиш. Мајка ти била кукларка. Татко ти бил актер во куклен театар. На татко ти не се сеќаваш. Ве напуштил брзо по твоето раѓање. Таа умрела рано. Ти си растена сама. Нивните линии се соединуваат. Ти ќе бидеш и едното и другото. И кукларка и актерка. Ќе создадеш прекрасни претстави. Тие ќе те ослободат од судбинските врски. Ќе го растуриш мачниот круг на мајка ти и ќе отвориш свој, нов и убав.
НЕЛА: Ти не пелтечиш веќе!

(Месечината одново го враќа стариот жолтеникав сјај.)

ТОТО: (Пак со стариот тон) Ка-како не!
НЕЛА: (Ја крева главата кон небото) Облакот замина. А ти не пропелтечи ниту еднаш.
ТОТО: Ми се слу-учува. Ре-етко. Ко-кога ќе се занесам, понекогаш та-ака…
НЕЛА: И сето тоа што ми го кажа, го пишува тука?
ТОТО: О-о, многу повеќе.
НЕЛА: Зошто ме лажеш Тото?
ТОТО: Зошто не му се одмаздиш, Нела!
НЕЛА: Јас, нему! Тој ме споулави, Тото. Види ме на што личам. Тој мене ме упропасти, како можам јас нему да му се одмаздам!

ТОТО: Роди дете, Нела. Не едно, многу деца. Нели те оставил зашто се плашел дека нема да имаш деца. Покажи му, Нела. Одржи му лекција. Да види што сè можеш. Направи ја најдобрата куклена претстава. Подобра од било која негова. Сама. Сè сама. Нека види, гадот, што изгубил.
НЕЛА: Не можам да имам деца Тото. Поради него. Ме тераше да ги абортирам. “Што ќе ни се деца, велеше, види колку ги имаме во театарот”. Сега не сум способна да правам деца.
ТОТО: Прави кукли, Нела. Ним давај им жи-живот!
(Нела ѕури во него. Потоа, замислена, заминува. Се подвраќа.)
НЕЛА: Тото, ќе се видиме ли пак?
ТОТО: Ко-кога сакаш, Нели. Јас сум секогаш ту-тука.
(Таа е сè уште пренеразена од она што Тото ѝ го кажа. Заминува. Тото седнува на клупата, со грб кон публиката и гледа во младата месечина. Сребрено-сјајниот срп полека одшетува и се губи. На небото трепетливо заблеснуваат ѕвездите.)

ТОТО: Деница е во Малата кола … А, Јулија сè уште ја нема!

(Затемнување)

2018-08-21T17:22:07+00:00 јануари 1st, 2000|Categories: Текст, Блесок бр. 12, Театар/Филм|