Одисеја 1999

Одисеја 1999

Театарскиот проект ДУХОТ НА ЛИМЕНКАТА ја започна својата одисеја на 27 март истовремено одбележувајќи ги светскиот ден на театарот и 300-тата премиера на Народниот Театар Антон Панов од Струмица. Текстот за оваа трагикомична фарса е на младата авторка Билјана Гарванлиева, а режисерот Горан Тренчовски постмодернистички го наслика на сцена. Годинава, пред влегувањето во новиот век, #1тандемот Гарванлиева – Тренчовски пред себе поставиле задача да го загатнат прашањето – што беше духот на овој век?
Низ очилата на трагикомичната фарса вечната тема Ерос не е ниту розева ниту возвишена, а нејзината опачина – Танатосот е доминантна. Прекриената слика на реалноста авторката ја сврзува со симбол, предмет кој веројатно и ќе го означи веков, лименка од КОКА КОЛА, која е бакнеж во петарпановата љубов, платежно средство и остров кој апокалиптично тоне. Меѓутоа лименката е и пандорината кутија од која човекот на дваесетиот век голтајќи ја слатката течност го вшмукал сето зло – отуѓеноста и деструкцијата. Така, духот кој ќе го одбележи веков всушност е недухот зошто единственото вредно, љубовта, останува запечатена и фрлена на дното на морето.
#2 Приказната која само навидум е неповрзана, има цврста структура и заокружена целина. Одисеј од 20 век се враќа дома кај својата Пенелопа. Но, не ја наоѓа ниту верна, ниту радосна поради враќањето, ниту жива. Светот во кој ја оставил исто така предсмртно издишува гушејќи се во сопствениот смет. Она што останало е симболичниот остров од лименката кока кола, доминантниот симбол на минималистичкиот сценограф Марјан Пецов Захов, кој тоне во океанот од отпад.

Своја димензија за атмосфера на апокалипсата даде и музиката на Ристо Ставров. Фарсаичноста на претставата нужно барала од косимографката, Елена Дончева, живи бои и пластични материјали, кои пак прекрасно се комбинирани со костимите на жената специјално креирани за да ја нагласат сета нејзина трагичност и женственост.
Во улогата на жената, Пенелопа, Маја Вељковиќ, оствари неверојатни транформации, балансирајќи вешто меѓу комиката на еротските фантазии и трагиката на смртта и пропаста на светот.
Горан Илиќ, во улогата на мажот, Одисеј, кој се враќа од своето банално патување по 9 години, успешно го спои фарсичниот Балканец со митскиот лик.
Противтежа на мажот е Љубовникот, неговиот двојник, Ванчо Крстевски, со својата енергичност и експлозивност.
Фарсичниот ефект беше засилен со Братот, Кољо Черкезов, а својата кулминација ќе ја доживее во цут-уп сцената фантазии за убиство на мажот, каде овие четворица актери предизвикуваат филмски динамична бурлеска.
Стариот и Старата, кои ги играат Тинка Ристевска и Кирчо Ѓоргиев, се двојниците на мажот и жената од некој друг, но не и подобар свет.
Двете сенки, Големата– Кирил Здравевски и Малата – Томе Ментинов, ги направија премините меѓу сцените неосетни и полни со судбинска непроменливост и мистичност.
Одисејата на овој театарски проект не завршува само на сцената во Струмичкиот театар, туку продолжува во главите на публиката, дозволувајќи ѝ слободно да швенкува и сама да си ја склопи конечната верзија на приказната.

2018-08-21T17:22:12+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 07, Театар/Филм|