Филозофскиот и граматичкиот аспект на категоријата „време“ во наратолошкиот процес

/, Блесок бр. 05, Театар/Филм/Филозофскиот и граматичкиот аспект на категоријата „време“ во наратолошкиот процес

Филозофскиот и граматичкиот аспект на категоријата „време“ во наратолошкиот процес

3. Филозофско ниво: или ars interpredandi

Тргнувајќи од фактот дека не е лесно да пишуваш, затоа што основите на пишувањето се наоѓаат во историјата на начините на пишувањето8F, или според психолингвистот и филозофот Жак Дерида во неговата “L’ecriture et la difference” тие основи на пишувањето се во врска со разликите помеѓу различните начини на пишување, природно е дека, ако се зборува за филозофскиот концепт на времето од книжевен аспект, треба да се послужиме и со дел од филозофската наука, или според Е. Ливајнс (во неговата „Тоталитетот и бескрајноста“), со „начинот на интерпретацијата мна интелектуалниот производ на човекот како онтичко-онтолошки тоталитет“. Во спротивно, не сме ги сумирале сите неопходни елементи за анализа. Книжевниот критичар, вреднувачот, еден од главните елементи во естетиката на рецепцијата (според германскиот романолог Ханс Роберт Јаус)9F, игра главна улога во анализата на делото. Основата на тоа вреднување и толкување е херменевтиката, која претставува филозофско дешифрирање на книжевното дело како основа, во најтесна смисла. Но не само тоа. Херменетивката се занимава и со анализата на човековите вредности (чии основи се наоѓаат во аксиологијата и психолингвистиката), како и со различните фази на авторското ревидирање на книжевниот текст10F. Според тоа, херменевтиката, од книжевен аспект, се занимава претежно со овие две рамништа, кои претставуваат една целина од филозофска смисла. Примери: ако романите на Џејмс Џојс или на Достоевски преставуваат кулминација на психолошкиот роман, би се поставило прашањето како авторот, врз примерот на нараторите, го формулирал концептот на времето? Или: кога во прво лице зборува Стивен Дедалус или Уликс, дали се тоа мислења на авторот, или на некој друг? Или пак станува збор за една полубудна фаза на ликот што би претставувало на пример полуреминесценција на неговите активности? Значи, херменевтиката, според научниците зазема повисоко место од семиотиката оти претставува пред сè критички и самокритички пристап. Затоа и се вели дека херменевтиката е уметност на интерпретацијата (ars interpretandi)11F, а се состои од арс силабанди и арс експликанди. Примери: ако Јаго е модус вивенди во делото „Отело“ од Шекспир, како се однесуваат другите личности? Кое е временското објаснување на неговите активности? Како се објаснува победата на Отело со војската, земајќи го предвид понижувачкиот фактор околу него и несериозноста во смисла на неговото наивно однесување? Дали навистина авторот замислувал вакви ликови? Овие прашања би ги поставила херменевтиката, се разбира не дозволувајќи филозофската промисла да помине во ad absurdum или да се затвори во херменевтичкиот круг. А ова се објаснува со фактот што филозофијата, или, според Хајдегер (го спомнуваме него затоа што „без феноменологијата нема ни онтологија“), онтичко-онтологиската одреденост на човекот и битието, преминува во екстра-логичното поле, во ирационалност, па решението се наоѓа во апстрактното херменевтичко расчленување на категории. Во тој контекст, во конкретна смисла, семиотиката би ги поставила следните прашања: кој би бил комуникацискиот канал со кој би го разбрале брачниот однос помеѓу Отело и Дездемона? Зошто тука нешто не е во ред? Или пак: зошто Магбет е толку црн? Семиолошкиот топос на амбициозност, желба за власт, се развива поминувајќи низ комуникативниот канал, а пораката што произлегува од другата страна на каналот се трагичните последици кои што се опишуваат.
Ако за основа ја земеме лингвистиката, а посебно теоријата на Фердинанд де Сосир, можеме да заклучиме: херменевтиката и семиотиката како бинарна опозиција, како меѓу-релација, како главни фактори во процесот на интерпретација, ги поврзува факторот време. И натаму: се врши кодирање и декодирање на знаците, се конституираат семичките кодови на Барт, се добиваат топосите на Греимас, се добива длабинската структура: од семиолошки аспект, тоа е однос помеѓу структурите. Ако два семантички енитета комуницираат, се добива корелација помеѓу нив, се создава комплексната ситуација на временскиот паралелизам во рамките на глобалниот настан (сижето на романот, епскиот расказ и постапката во епиката, развитокот на драмската ситуација во драматургијата, развитокот на основната тема и импликацијата на секундарната тема и нивното содејствие кој кулминација во сонатата и симфонијата итн.). Ова, всушност, ја објаснува уметноста како една временска корелација помеѓу сите овие елементи.

#b

8. Се разбира, тука нема да се вдлабочиме во овој проблем. Туку само да споменеме, дека за овој проблем постои цела низа теориски расправи, а за постмодерниот начин на пишување, можеме да ја споменеме само книгата на Дејвид Лоџ „Модерни начини на пишување“.
9. Особено во неговта „Естетика на рецепцијата“.
10. Терминологијата на Е.Д. Хирш, кој поспецифично се занимава со овој проблем во неговата книга „Начела на толкување“.
11. Според терминологијата на Џон Дилтај.

АвторБујар Хоџа
2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Теорија, Блесок бр. 05, Театар/Филм|