Вазна од порцелан

Вазна од порцелан

мелодрама,
НТ „Ј.Х.Џинот“ – Велес
автор: Југослав Петровски
режија: Благојче Божиновски

По двете реалистички и недраматични поставки на овој драмски текст од англискиот режисер Џорџ Роман во Екситер (Англија) и во Драмскиот театар во Скопје, Благојче Божиновски дава
свое симболистичко и мелодраматично видување.
Но, моралноста и лиризмот на режисерскиот концепт недраматично се протријуваат со аморалниот и апокалиптичен драмски свет на Југослав Петровски. Затоа, авторовиот високо-октански контекст на војната изгледа како серија омлитавени наркомански халуцинации. Авторовата безизлезна бекетовска ситуација на вкочанетост и братоубиство, делува како мелодраматично господово пришествие и спасение.
Актерите Маријан Чакмакоски и Младен Крстевски играа идејно млитаво и комотно, не отстапувајќи од својот изабен актерски шаблон.
Тие како да не знаеја кои се, каде се и што сакаат. За разлика од нив, талентираниот Зоран Љутков, со постојаниот ужас на лицето и филтрирање на негативните емоции на ликот, промислено го создаде трагикомичниот однос на илузиите на бившиот актер и лудилото на рутинираниот војник.
Сценографијата на Зоран Николовски со руинирана и сива архитектоника визуализираше котел, пекол, кремарница и театар. И покрај пренатрупаноста, таа најдраматично функционираше на сцената.
Би се рекло дека најголемиот проблем на претставата е кога еден режисер се труди да се занимава со модернизмот во театарот – којшто недоволно го разбира.

извадок од драмскиот текст

2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Театар/Филм|