FROM THE CITY – solo exhibition

/, Gallery, Blesok no. 129/FROM THE CITY – solo exhibition

FROM THE CITY – solo exhibition

Оваа изложба е посветена на градот. На мојот град. Скопје.

Градот сум јас и јас е градот. Градот сте вие и вие е градот.

Многу изложби и настани беа и се посветени на начинот на кој Скопје се менува и обликува. И јас на суптилен начин „говорам“ за тоа, но не сакам само да критикувам или пак да величам, туку сакам да соопштам свои размислувања, сеќавања и чувства низ визуализации исполнети со метафори и симболи.

Изминатава година промислувајќи ја оваа изложба, движењето низ градот, всушност, ми беше и активно посматрање, забележување, трагање, наоѓање, фотографирање, собирање, зачувување на мали нешта, кои навистина чудно, секогаш имаа некаква врска со нешто мое: сеќавање, приказна или доживување.

Ако генерализирам, тогаш би кажала дека со оваа изложба „говорам“ за доживеаното, за она што силно го чувствуваме, но тешко го опишуваме. Дали ова е намерно или ненамерно предизвикано, од кого, што и како, е небитно. За мене е важно да не ве оставам рамнодушни.
Изборот на просторов не е случаен. Трагав по интимен, но запуштен/напуштен/осамен простор. Простор кој не сведочи само за сегашното време и присуство, туку и за некое минато. Простор кој заедно со делата ќе помогне во разработката на темите за минливоста и менливоста, за непостојаноста, но и за сеќавањето и вечноста.

Истовремено, фактот дека овој приватен и интимен простор, барем на неколку часа, станува отворен и јавен, а потоа повторно се враќа во првобитната приватна, интимна и затворена состојба, ми помага да си поиграм со размислувањата за личноста и општеството: оформувањето на личноста од страна на општеството (луѓето или градот) и обратно, т.е. оформување на општеството (или градот) од страна на личноста.
Ќе забележите дека делата се проткаени со секојдневно (помалку или повеќе) присутни (видливи и опипливи) нешта. Сите пронајдени (собрани/сочувани/фотографирани) во градот, на улица или во двор. Дадени од градот за мене и вас/нас.

Можеби е непотребно, па сепак, заради полесно „читање“ на делата, сакам да ги наведам моите толкувања на метафорите и симболите (како и посочување на мои дела на кои се надоврзувам). Сепак, не инсистирам тие да се целосно ваши.

Кројачки шнит
: обликување (кроење) на личноста; различни влијанија кои придонесуваат за формирање на личноста (како спојување на поединечните парчиња исечени според шнитот, во носливо парче облека); креирање на нечија или сопствена судбина; животни насоки

Бројки
: лично/интимно значење и/или појаснување на визуелната приказна

Пајаци
: страв, заштита, мајчинство, плетење, кроење, дом, напад (лов)

Мравки
: гризење, работа/труд, слога, морници, алчност, себичност, нелагодност

Полжави
: дом, патека на движење/трага/улица, спирала, бесконечност (Кршливоста на животот, 2001)

Ластиче за коса
: приказна

Небо
: иднина, живот на мислата, игра (Небомантија, 1999)

Шах
: војна, борба, живот, патеки/улици/насоки, упорност (Шах и овча кожа, 2001; Играта, 2006; Пренаселеност, 2016)

Стакло
: кршливост, непостојаност, болка

Шише
: содржина, сеќавања, мириси/вкусови

Сенки
: комуникација, спротивставеност, друга димензија (Сенка, 2011/13)

Мијалник
: испирање, чистење

Вода
: информација, разбрануваност

Простор 1

Славица Јанешлиева
Само нешто волку мало може да биде насекаде 1
цртеж на хартија и стакло, 41х100х3см., 2019
детали (долу)

Славица Јанешлиева
Само нешто волку мало може да биде насекаде 73
цртеж на хартија со дрвени бои и шпенагли, колаж и цртеж на стакло со контур паста, 45х100х3см., 2019
детали (долу)

Комуникација

Оваа година, при посета на еден изложбен простор, запознав постар човек, кој ми остави силен впечаток. Мислам дека беше шеесет или седумдесетгодишен. Со седа коса и брада, облечен во црно. Пријатен и елоквентен човек. Со жар и страст зборуваше за уметничката колекција, за предизвиците и успесите, а сепак остануваше чудно сталожен и мирен. Како да знаеше нешто за мене непознато и зрачеше со пренослива мирнотија и мистичност.

Уште кога влегов во просторот, на дел од книгите и каталозите наменети за разгледување и продажба, забележав наредени (не многу педантно) црни ластичиња за коса.

По разгледувањето на колекцијата, човекот разборен и расположен, сакаше да ми ја покаже својата просторија/канцеларија која ја нарекуваше ќелија. Во „ќелијата“ на долга полица, десно од вратата, повторно забележав наредени црни ластичиња за коса. Човеков немаше долга коса и ластичињата, претпоставував, не се негови. Си помислив дека можеби е некаква уметничка интервенција што не ја разбирам, па прашав што е работава со ластичињата. Неочекувано добив искрена исповед за трагична загуба (сопруга и син). За болката и справувањето со неа. На крајот ми кажа: „Можеби ќе мислите дека сум луд, ама јас од тогаш постојано и насекаде наоѓам црни ластичиња за коса и сакам да верувам дека така комуницирам со нив“.

Сега ми беше јасно што знае човеков, а јас не знам. Тој научил да живее со болката и пронашол начин животот, и покрај сѐ, да има смисла и да му биде поднослив. Е сега, она што е уште почудно, но веројатно објасниво со свесноста за погоре раскажаното, е што од тогаш јас речиси секојдневно на улица наоѓам ластичиња за коса, но не се само црни.


Голема благодарност до семејството Велков, особено до Гордана Велков (Touch The Space).

Простор 2

Славица Јанешлиева
Болка

две фотографии (45х65см), димензии менливи, 2019
детали (долу)

Славица Јанешлиева
Ви ги претставувам 1987, 1988 и 1989

дигитално обработена фотографија (41х100см), три шишиња со сируп и текст; димензии менливи, 2019
Ви ги претставувам 1987, 1988 и 1989

Во подрумот од куќата, наредени на полица, чувам стари стаклени шишиња полни со домашен сок. Не можам да се натерам да ги фрлам.

Ова лето се посветив на исчитување на Господинов. Меѓу другото тој пишува и за својот подрум. Еден куп зборови, реченици, пасуси подвлеков и издвоив, ама веднаш се „фатив“ за шишето што дедо му го одвоил на денот на неговото раѓање: „Тоа шише сега би требало да има четириесет и четири години. Ако го најдам и отворам, ќе ја имам дестилирана цела 1968 година… Бројот на сончеви денови во текот на тоа лето, раноесенскиот дожд, влажноста на воздухот, квалитетот на земјиштето, болеста на виновата лоза, внатре е запишана целата историја, во стакленото шише.“ [1] Ете ги пред вас, ви ги претставувам до половина изветреани 1987 и 1988 година и полна 1989 година. Ако не се сеќавате, ѕирнете во стаклениве шишиња, полни со историја и записи.


[1] Господинов, Георги. Физика на тагата, Или-или, Скопје, 2015, стр. 168

AuthorSlavica Janešlieva
2019-12-27T12:12:05+00:00 December 18th, 2019|Categories: Exhibition, Gallery, Blesok no. 129|0 Comments